Клиниката за Токсикологија, која во моментов функционира без медицински директор, се „засили“ со 18 старо-нови службеници и медицински лица, некои со исклучително дискутабилно образование и искуство, бидејќи организационата директорка Бесије Иљазим им ги продолжила договорите. Станува збор за истите 18 лица на кои на 31 декември минатата година не им беа продолжени договорите а за кои докторите од Клиниката тврдеа дека немаат основни познавања, а тука е и човекот кој јавно призна дека од колега побарал дадена урина со присуство на наркотици да ја замени за чиста. Ова не е спорно за Иљази но и за министерот за здравство Илир Демири.
Во правната служба на Клиниката вчера стига решението потпишано од Демири за разрешување на медицинскиот директор Данил Петровски поради неправилности во работата.
Со реакција околу разрешувањето се јавија вработените во Клиниката кои го осудија овој чин, сметаат дека е незаконски бидејќи е тек на изборен процес и побараа од министерот да ја разреши и Иљази
Министерството за здравство во отсуство на прес конференција и официјално соопштение за разрешувањето на својата страна на социјалната мрежа „Фејсбук“објави писмо од вработени, без име и презиме, само со потписи во кое тврдат дека се навредувани од докторот Нико Беќаровски на етничка основа.
Беќаровски, кој во моментов не е во државата побара од министерот Демири да се огради од објавеното на официјалната страна и најави тужба.
Јавноста еден и пол месец е сведок на серија скандали на Клиниката за токсикологија. Покрај нефункционалната лабораторија се случи поплава и се откри дека Клиниката не е осигурена а вработените прстот го посочија во организациониот директор Иљази која не контактира со медиумите на официјалниот и службен јазик во Македонија, долговите се зголемени а вработените признаа дека лажираат резултати од испитувања.
Огнен Чанчаревиќ