По одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) за приговорите за изборните резултати, дел од коалициите најавија жалби до Управниот суд. Од 27 приговори што беа поднесени од партиите и коалиците, ДИК прифати седум, шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.
Во Изборната единица 5 прифатени се приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени, а во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.
Против одлуката на ДИК, како што информираа оттаму вчера, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Влен“ ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада и се очекува денеска да ја одржат првата средба.
Двете коалиции во саботата ги договорија општите начела за соработка и таа ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата „Влен“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата „Влен“ 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.