Охридското обвинителство ги истражува причините за смртта на 7-месечното бебе од Вевчани, кое рано утрово почина во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, откако поради повреда на главата врз него итно беше изврешен хирирушки зафат. Бебето вчера попладне околу 16 часот во болница било донесено од неговата мајка со хематом, по што лекарите констатирале дека има мозочно крвавење. Иако веднаш била извршена операција, по неколку часа почина на одделението за интензивна нега. Родителите изјавиле дека тоа се повредило при пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани. Обвинителот веќе издаде повеќе наредби за утврдување на причините за смртта на бебето. Се проверува и третманот во болницата, а се разговара и со семејството.
„Јавниот обвинител, со цел да ги расчисти причините за тоа како настанала повредата на бебето, како и да испита дали стручниот персонал во ЈЗУ „Св. Еразмо“ постапувал согласно протоколите и процедурите, издаде насоки за прибирање докази. Прибавена е целокупната документација од болницата, издадена е наредба за обдукција на бебето во Институтот за судска медицина во Скопје, се вршат разговори со семејството и блиски лица, а се проверува и медицинската историја на детето и на мајката“, информираат од ЈОРМ.
Специјалната болница за ортопедија и труматологија „Св. Еразмо“ веднаш по смртта на бебето, во раните утрински часови ја извести и охридската полиција, од каде велат дека преземаат мерки за целосно расветлување на настанот
„Настанот во СВР Охрид е пријавен денеска во 01 часот. Според пријавеното, во текот на вчерашниот ден во специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид, било донесено 7 месечно бебе од Вевчани со повреди на главата. И покрај преземените мерки тоа починало. Бебето било донесено во болницата од неговата мајка“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Според информации на Телма, мајката, неколку часа пред да го однесе бебето во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, барала лекарска помош. Најпрво вчера била во Здравствениот дом во Вевчани, но лекарот не констатирал повреди, по што мајката се упатиле во специјалната болница „Свети Ерезамо“, каде е утврдено мозочно крварење, но по операцијта му се влошила здравствената состојба и тоа почина рано утрово.
Емилија Мисирлиевски