Гледам светло на крајот на тунелот што може да се реализира многу брзо, изјави Арбен Таравари, претседател на Алијанса на Албанците (АА), во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма во контекст на уставните измени како предуслов за продолжување на евроинтегративниот процес на Македонија.
„Има предлози од двете страни, но да бидам искрен, имаме и сугестии од наши пријатели кои се меѓународни експерти во тој правец и во периодот ќе бидат доста активни меѓу Скопје и Софија и тоа е, искрено, доста олеснувачки“, рече Таравари.
Лидерот на АА истакна оти има надеж до крај на мандатот на новата владата, Македонија да стане и полноправна членка на Европската Унија (ЕУ).
„Немам надеж ќе се дојде до договор. Имам надеж дека до крај на мандатот, можеме, не велам сигурно, меѓутоа има индикации дека можеме да бидеме и полноправна членка на ЕУ. Меѓутоа колку ќе бидеме рационални, зависи од сите нас. Искрено ви велам, гледам дека има надеж, дека има добра волја да се реши проблемот и да ги започнеме преговорите. Искрено, и во ВМРО-ДПМНЕ гледам дека се заинтересирани што поскоро да започнеме и да завршиме. Јавно кажувам дека сум оптимист во 2028 година дека можеме да бидеме полноправна членка на ЕУ, иако сите кажуваат 2030. Не велам дека е завршена работа, но има шанси“, амбициозен е Таравари.