Министерот за економија и член на Централното претседателство на ДУИ, Крешник Бектеши, очекува да пропаднат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ за формирање на мнозинство во Собранието.
Врз основа на ставовите дека нема да прифатат уставни измени, нема да прифатат претседателот да се гласа во Собранието, што значи дека нема да се укинат ниту 20 посто за Албанскиот јазик, бидејќи воопшто нема да го отвораат Уставот, мислам и убеден сум за одредени поединци во ВРЕДИ дека со вакви ултиматуми од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе пропаднат преговорите, рече Бектеши во вечерашната топ тема на телма.
Зборувајќи за изјавата на партискиот лидер Али Ахмети по изборите дека на државата ѝ е потребна стабилност и иднина, која од ВМРО-ДПМНЕ беше сфатена како закана, Бектеши тврди дека воопшто не станува збор за такво нешто, туку тоа е став на Ахмети кој го одржува уште од 2002 година.
Ние не се закануваме на никого, ние имаме наши принципи, и тоа е наративот на Ахмети од 2002 до денеска, зачленување на државата во НАТО и ЕУ. Два главни столбови за кои ДУИ и Европскиот фронт не прават никакви компромиси, затоа што сме убедени дека без отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ нема да имаме таков економски раст како што кажуваат одредени претставници на други политички партии, рече бектеши.