Новинарот и уредник на Portalix, Фуркан Салиу денеска е уапсен за време на фудбалски натпревар во селото Средно Коњари. МВР соопшти дека на дваесетина минути пред крајот на фудбалскиот натпревар помеѓу клубовите “БВК Коњаре” и “Куманово”, дошло до обид за тепачка помеѓу домашната публика и гостинските играчи. Обидот бил спречен од страна на службите кои го обезбедувале натпреварот, кој потоа бил прекинат. Салиу, според МВР, нападнал припадници на ЕБР и во багажникот на неговата кола бил пронајден пиштол.
„За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка. Дополнително, околу 18 часот, при преглед на патничко возило “дачија дастер”, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А.(34) од с. Кондово со сопатник А.Р. (21) од с. Кондово, во багажникот е пронајден пиштол.“
Од СВР Скопје соопштија и дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Во меѓувреме реагираа од ЗНМ и ССНМ за аспењето на новинарот Салиу и побараа тој да биде пуштен на слобода.
„Попладневно на социјалните мрежи и на неколку онлајн медиуми беше објавено видео од кое се забележува како повеќе униформирани специјалци од МВР апсат лице кое се наоѓа на земја и не пружа отпор. Непосредно по оваа објава, следеа неколку сензационалистички наслови од медиуми, кои се блиски до политички партии, кои шпекулираат разни основи за притворање на новинарот Фуркан, а притоа се повикуваат на наводни полициски извори. ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.“, соопштија тие.
Уредничкиот тим на медиумот на Салиу информира дека денешниот акт на специјалната единица против новинарот Салиу е целосно диригиран и претставува обид за притисок врз слободното новинарство што го практикува PortaliX.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.