Трагите од изгорениот билборд се гледаа и на пролетниот ден додека многу граѓани со деца се упатуваа кон блиската Зоолошка градина. Лицето на кандидатот Тарaвари беше потемнето од огнот, а на долната рамка стоеја стопени остатоци.
Огнениот билборд е првиот инцидент во предизборието, нема повредени, само помала материјална штета,а еден час по палењето, коалицијата која го поддржува Таравари соопшти дека би сакале да е несреќа, но според нив „се знае која партија има насилници и криминалци во своите редови, се знае која партија ја користи власта за да се збогати и да го плаши народот.“
Кандидатот Таравари го осуди инцидентот и СО многу поблаг речник, побара институциите да го расветлат инцидентот.
-Се надевам дека институциите на системот ќе ја завршат работата. Единствено што знам е дека јас никогаш не би направил такво нешто на мој противкандидат, да се надеваме дека не е ништо намерно и смислено, изјави Арбен Таравари.
Неговиот главен противкандидат Бујар Османи со осуда и со негирање дека тој или било кој што го поддржува стои зад инцидентот.
-Апсолутно не. Отфрлувам било какво вмешување на ДУИ. Ако некој води позитивна кампања, ако некој води конструктивна кампања, тоа сме ние. Јас осудувам такви чинови. Ја повикувам опозицијата да прекине со црната кампања. Не им служи, изјави Бујар Османи.
Во полицијата е пријавен инцидентот, еден часот по полноќ кога интервенирале и скопските пожарникари. На улицата има и камери.
Се бара пироманот кој го запалил билбордот и внесе оган во тивката и мирна кампања, а полицијата го заклучува своето соопштение со класичното: се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Миомир Серафиновиќ