(ФОТО Архива) Попладнево околу 18 часот е регистриран пожар на автомобил во гаражата на Ист гејт мол. Веднаш потоа е наредена евакуација и на повеќе објавени видеа се гледа како посетителите се обидуваат да излезат од молот.
Евакуацијата е извршена успешно и бргу, а иако немало пријава на 193, скопските пожарникари реагирале откако добиле повик од колега кој бил во трговскиот центар кога се вклучил алармот.
-Пожарникарите имаа потешкотии при пристапувањето на местото каде горел автомобилот поради гужвата од луѓето кои се евакуирале. Пожарот е изгаснат. Станува збор за пожар на паркиран автомобил во гаражата, ни изјави телефонски Звонко Томески, командант на противпожарната бригада на град Скопје.
При евакуацијата, затворени се и сите продавници во молот, а по расчистување на ситуацијата, раководството на Ист Гејт ќе соопшти кога овој трговски центар ќе биде отворен за посетители повторно.
На профил на Фејсбук беше објавено видео од евакуацијата.