Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова порача дека оваа Влада ветила многу работи а ништо не исполнила. Од вечерашниот митинг пред Владата во Скопје со кој и ја започна својата кампања, Силјановска Давкова најави дека ќе ги претставува сите без никаква поделба.
Бидете сигурни дека ќе ве направиме горди. Сум ги направила горди моите студенти и како пратеничка гордо ве застапував вас, за разлика од нив. Проверете ја и утврдете ја разликата. Споредете што зборуваат едните, а што другите. Не правиме компромис со вредности, немаме право на тоа, зошто така ја нагризуваме гордоста на Македонија, рече Силјановска Давкова.
Таа порача дека нема да оди надвор од земјата и да преговара без да оствари консензус за клучните прашања за државата.
Само најуспешните, најстручните и најпочитуваните можат да ни ја вратат гордоста и така веќе нема да бидеме најнесреќниот народ, порача таа.