Денеска на полноќ изминува рокот за политичките партии и коалициите за доставување на листите за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК) за изборите на 8 мај. Денеска, исто така, ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список и за претседателските (24 април) и за парламентарните избори.
Проверката на листите во ДИК ќе се врши веднаш, односно најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата. Ако се утврди дека во листата има одделни неправилности, ДИК ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на известувањето на комисијата за неправилностите.
Во случај на неправилности од членот 67 став (2) од Изборниот законик, подносителот на листата може да го замени предложениот кандидат што не ги исполнува условите со нов кандидат во истиот рок од 48 часа и за истиот е должен самиот да ги обезбеди предвидените докази за исполнување на условите.
Ако ДИК утврди дека листата е поднесена ненавремено, односно по истекот на рокот определен со овој роковник, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листата.
Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка која треба да се одржи најдоцна на 13 април и тој број е ист во сите изборни единици. Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.
Изборната кампања за парламентарните избори ќе започне на 18 април и неколку дена ќе се поклопи со кампањата за избор на претседател, која завршува на 22 април, а гласањето е на 24 април.
Потпишувањето на Избирачкиот список за претседателските избори е предвидено за 8 април, а за парламентарните избори, според Роковникот за изборни дејствија, е на 22 април. Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април.