Судскиот совет претпладнево објави дека поднесува иницијатива до Уставниот суд за да оцени два закони кои се однесуваат на платите на судиите и членовите на Судскиот совет. Двата закони се дел од пакетот закони кои Собранието ги донесе на крајот на февруари за да спречи ново големо покачување на платите на функционерите, судиите и обвинителите.
Судски совет реагира откако имаше забелешк дека со носење закони во итна постапка без расправа се “удира” врз судската независност. Иницијативата на Судскиот совет се однесува само на законите за судиските плати, а не и на останатите закони за ограничување на функционерските и обвинителските плати.
Платите на функционерите, судиите и обвинителите беа покачени за 78% лани во март со одлука на Уставниот суд кој укина законска одредба која го ограничуваше растот на овие плати. Одлуката на Уставниот суд предизвика големи критики и осуди во јавноста, а пратениците одлучија да го сменат законот и да спречат ново покачување, а не поништување на старото, на два и пол месеци пред избори односно 11 месеци по зголемувањето од 78%.
Во продолжение соопштението на Судскиот Совет:
Поаѓајќи од својата уставна положба и законски надлежности, Судскиот совет на Република Северна Македонија како самостоен и независен орган на судството и како орган кој е должен да ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста до Уставниот суд на Република Северна Македонија со која се оспоруваат одредбите од Законот за изменување на Законот за платите на судиите и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Судскиот совет на Република Северна Македонија и во наредниот период останува на заложбата за незавизна и самостојна судска власт и секогаш кога во ситуација ќе бидат нарушени овие постулати, ќе превзема дејствија за заштита на истите.