За две години во Штип се продадени над 650 станови. Ги купуваат мештаните, но и граѓани од други градови, како и странци. Најголем број од становите се продадени во 2022 година, вкупно 400, чија вредност се проценува од 20 до 30 милиони евра, а лани се купени над 250 станови. Општина Штип бележи и зголемување на приходите, по основ на даноци за 30%, токму од купопродажбата на становите. Со ова ставката во буџетот за данок на имот се зголемува.
Инвеститорите бараат и градежно неизрадено земјиште. За над две години се продадени осум парцели за згради низ населбите, каде се шири градот. Во моментов постапката за продажба на парцели е стопирана заради изборите.
Од Агенциите за недвижности велат дека колку и да се изградат нови станбени згради, сите станови ќе се продадат. Ова се должи на тоа што Штип е интересен за инвестирање во недвижности, поради тоа што е универзитетски и економски центар на истокот.
Цената на становите се движи и од 850 до 1.100 , па и 1.200 евра за метар кавдаратен, во зависност од локацијата. Колку станот е помал толку цената е повисока, оти поголема е и побарувачката. Цените на становите во изминатиот период бележеа пораст и во Скопје, каде што централното градско подрачје достигнува и до неверојатни 2.300 евра за метар квадратен.
Викторија Јованова