Вести Македонија Најважни

Швајцарија кажала „да“ за старите македонски пасоши, БиХ известила дека ќе пропушта само со нови исправи – првиот дипломат со спротивни толкувања од првиот полицаец, за одлуката на ЕУ

Европската унија ќе биде трпелива за граѓаните со стари пасоши. Ова го тврди министерот за внатрешни работи, Тошковски, откако денес добил допис од Брисел, дека ЕУ нема да им прави проблеми на граѓаните да патуваат со патни исправи со старото уставно име.

Ова следува по состанокот на Комитетот за патни исправи на Европската комисија, информираат од МВР, во одговор за Телма.

Според информациите на министерството, на состанокот се дискутирало и за пасошката криза во Македонија.

„На состанокот било покажано разбирање за техничката природа на прашањето и волјата за надминување на проблемот. Во моментот, нашите граѓани може да влегуваат и излегуваат во другите земји членки на ЕУ – но, со укажување дека конечната одлука за прифаќање на старите пасоши е на самата земја членка“ велат од Министерството за внатрешни работи.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, контра ставот на министерот за внатрешни. Тврди дека Европската комисија не носи такви одлуки.

Mинистерот Тошковски најверојатно погрешно разбрал некој од документите, реагира Османи.

„Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на Европската комисија е дека комисијата не носи одлука којашто важи за целата Европска унија. Ова е суверено прашање на секоја од државите. Државите имаат практичен став. Секоја од државите носи одлука за себе“ изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Секоја земја посебно ќе одлучува, во склад со својата регулатива. Досега, официјално се изјасниле само две држави. Едната од централна Европа, а друга од регионот.

Османи денес разговарал со амбасадорката на Република Грција. Очекувањата од јужниот сосед се дека државите ќе бидат трпеливи со старите пасоши, во еден мал период од 20 до 30 дена.

Министерот Османи побарал поголема флексибилност.

„Повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши, доколку истиот е валиден. Ви ја кажав причината зошто јас не можам официјално да ги информирам. Информирав за Швајцарија, бидејќи Швајцарија нѐ информираше официјално со нота. Една држава во нашиот регион нѐ извести дека не ги признава документите со старото име. И тоа, ниту личните карти, ниту пасошите. Босна и Херцеговина нѐ информира дека не ги признава“, додава министерот Османи.

Од МВР уверуваат дека бараат начин како да го зголемат капацитетот за печатење пасоши, во услови на техничка Влада.

Сепак, најоптимален рок за целосна замена на пасошите останува крајот на годината.

Во моментов повеќе од 600 илјади луѓе имаат патна исправа без „Северна“ и чекаат за промена.

А, темпото на печатење е околу три илјади патни исправи дневно, од кои најголемиот дел се Тип А, но има и Тип Б.

Министерот за внатрешни работи притиска за законски измени и промена на Законот за патните исправи, по истиот принцип како што беше случај и со законот кој ги тангира возачките дозволи.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара пасошите што побрзо да се најдат на собраниска седница.

„Законот за жал е заглавен некаде во лавиринтите во Собранието и апелирам до претседателот на Собранието и владејачкото мнозинство, истиот итно да се најде и да го стават на итна седница. Доколку нема можност за итна седница на 28-ми февруари, за неколку дена имаме седница на којашто би можело да ги направиме и овие измени“, смета координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Од владејачката СДСМ денес не реагираа на повиците за измена на Законот за патните исправи.

Пред два дена, пратеничката Снежана Калеска-Ванчева, која гостуваше во Топ Тема на Телма, порача дека не е едноставно да се измени овој закон, поради тоа што со Преспанскиот договор се преземени обврски, а пасошот е документ за меѓународна употреба.

Министерот за надворешни, Османи, смета дека е нечесно да се зборува за продолжување на рокот на патните исправи и фокусот треба да се стави на изнаоѓање начин за набавка на што повеќе обрасци за пасоши.

Во меѓувреме народниот правобранител, Насер Зибери, информира дека расте бројот на претставки, подеднакво како што расте и притисокот на шалтерите за замена на документите.

Граѓаните се жалат на прекршување на правата. А, Омбудсманот ги повикува да се обратат во канцеларијата, за да добијат правна помош и поддршка.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

САД бараат од НАТО-сојузниците прифаќање на пет проценти од БДП за одбрана

Дејан Дејан

На пристаништето во Солун пронајдени 58 килограми кокаин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе