Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, остана без еден член од своето обезбедување, откако во угостителски објект тој нападнал полицаец кој бил на службена задача. Станува збор за Ивица Бисовски кој и самиот е полицаец и е дел од личното обезбедување на Мицкоски.
За инцидентот извести и МВР од каде наведуваат дека инциентот се случил околу 40 минути по полноќ, во угостителски објект во центарот на Скопје, при што полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода 43-годишниот Бисовски, исто така полициски службеник, кој во моментот на инцидентот не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.
„И.Б. е приведен во полициска станица и известен е јавен обвинител, по чии насоки се преземаат соодветни мерки и активности и по завршување на постапката ќе следува соодветен поднесок по насоки на Јавниот обвинител, а од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по целосно документирање на настанот ќе бидат преземени соодветни дисциплински мерки согласно колективниот договор во МВР“, се наведува во соопштението на МВР.
Од ВМРО- ДПМНЕ потврдија дека се работи за член од обезбедувањето на нивниот лидер, но ги демантираат информациите дека истото лице е шеф на обезбедувањето на Мицкоски.
„По ваквиот настан, истото ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со Претседателот на партијата. Бараме органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот“, се наведува во соопштението на опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги наведуваат и нивните сознанија за мотивот на инцидентот – лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници.
За инцидентот се огласи и техничкиот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошкоски, но поврздржан околу мотивот отколку неговата партија.
„Сакам да ја известам јавноста дека најостро осудувам секаков вид на насилство, а особено кога истото е сторено од страна на вработени во министерството за внатрешни работи. За наведниот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува“, стои во реакцијата на Тошковски на неговиот фејсбук профил.
Од СДСМ исто така побараа расчистување на инцидентот, но и го искористија да потсетат на формулацијата од времето на владеењето на Никола Груевски, ВМРО-МВРО, да ја обвинат опозициската партија за насилство и криминал, но и да изнесат детали за инцидентот и за Бисовски.
„Иако и самиот е полицаец шефот на обезбедувањето на Мицкоски се обидел да спречи полициска акција за дрога. Затоа е тепан полицаецот, инспектор од НТШ, за борба против дрога. Станува збор за истиот Ивица Бисовски кој во време на ковид пандемијата беше заедно со Мицкоски во теретаната а потоа и во кафана на Боемска улица иако беше забрането“, изјави Дарко Каевски, портпарол на СДСМ.
За инцидентот по кој член на неговото лично обезбедување заврши во притвор и е изведен пред јавен обвинител, се уште не се огласи Мицкоски кој денеска учествуваше на партиска трибина во Кичево.
Тамара Грнчароска