Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) е првата институција на Европската Унија (ЕУ) која презема иницијатива за конкретно вклучување на земјите кандидати за членство во Унијата.
Се однесува на интегрирање на 131 член на граѓанското општество од деветте земји кандидатки за ЕУ – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија, Турција и Украина во консултативната работа на Комитетот. Тие беа избрани во февруари и во наредниот период ќе може да учествуваат во студиски групи, состаноци на секции и пленарни сесии, на годишниот пленум за прашања за проширувањето на ЕУ во септември, како и за евалуација на проектот во декември.
Македонија ќе има 14 претставници кои ќе бидат интегрирани во комисијата, најмалку ќе има од БиХ – 9, најмногу од Украина – 22.
Иницијативата на ЕЕСК беше претставена во Брисел од премиерите на Црна Гора – Милојко Спаиќ и на Албанија – Еди Рама.
„Сите треба да сфатат дека ЕУ ни е важна, како ние сме и важни на ЕУ“, предупреди Рама, нарекувајќи го ЕЕСК „прв одличен пример за тоа како треба да ја гледаме блиската заедничка иднина“.
Според него, ЕУ станала посвесна за стратешката важност на Балканот, не само со зборови, туку и со дела, иако, како што нагласи, „тажно е што ни требаше Путин да нè тресне и да ни отвори очи“.
„Не можеме да чекаме нова инвазија, нова катастрофа за да се поттикне овој процес“, додаде Рама.
Од шесте земји на Западен Балкан, четири (Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора) веќе ги започнаа пристапните преговори, една (БиХ) доби кандидатски статус додека последната (Косово) формално аплицираше за членство и чека одговор од 27-те држави членки.
Македонија и Албанија го започнаа преговорите во јуни лани по осум, односно 17 години чекање, Црна Гора и Србија во процесот се 11, одоносно 9 години. По шест години од аплицирањето, БиХ доби кандидатски статус, а во најкомплицирана позиција е Косово кое по еднострано прогласената независност во 2008 година сè уште не е признато како суверена држава од пет членки на Унијата – Кипар, Грција, Романија, Шпанија и Словачка.