Обвинителството да отвори истрага за тоа што две години по уставните измени се издаваа лични документи со Република Македонија, смета професорот по управно право во пензија Борче Давитковски.
Според него последицата, односно не можноста граѓаните да излезат од државата, но и да ги возат возилата во нејзините граници е кршење на човековите права и слободи, и непочитување на правната држава.
Се отвора можност за прекршување на правото на слобода на движење кое е заштитено и со нашиот Устав и со меѓународните конвенции, сметаат невладините за заштита на човековите права. Граѓаните кои ќе бидат спречени да излезат од државата имаат право да тужат пред домашните судови и Европскиот суд за човекови права.
Според информациите достапни на веб страната на МВР, првата јавна набавка на лични документи поради промената на уставното име е потпишана во декември 2019 година или 11 месеци по уставните измени.
Законот и правилникот за издавање на пасошите се донесени дури летото 2021 година. Во овие законски измени стои
Патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година.
Вакви измени со кои краен датум на важност е денешниот ден, во јули 2021 направнеи се и за возачките дозволи и возачките книшки.
Единствено Законот за лични карти до сега не е променет. Измените заглавија во Собранието поради предложената измена од партијата Беса за додавање етничка припадност.
Личните карти со новото уставно име се издаваат врз основа на правилник.
Елена Ивановска Мукоска