Вести Македонија Најважни

Пациентите на суспендираниот Васев преземени од колеги на Клиниката, за осомничените доктори засега нема дисциплински мерки

Тројцата осомничени доктори на Клиниката за Онкологија продолжуваат со редовно извршување на работните задачи, додека пациентите кои ги водеше ексдиректорот на Клиниката Нино Васев, се преземени од други лекари на Онкологија и нивното лекување продолжува непречено.

За осомничените доктори засега нема никакви дисциплински мерки, ниту интерни од Клиниката или од Лекарската комора, ниту пак од Обвинителството и тие за разлика од Васев, одат на работа.

„Од обвинителството официјално имаме добиено налог за еден доктор и по него се постапува. За други доктори немаме добиено никаква информација или налог. Клиниката функционира нормално, но медицинските тимови остануваат прекувремено. Пациентите кои беа кај докторот на кого му е изречена забрана се префрлени кај други доктори на клиниката и сакам да нагласам дека ги опслужуваме сите пациенти“, вели Виолета Клисарова, директорка на Клиниката за Онкологија.

Одбраната на Васев најави дека ќе поднесе жалби на сите изречени мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на Скопје, одземање на пaсош, редовно јавување во Судот и забрана за вршење на работни задачи на Клиниката.

Од лекарската комора информираат дека немаат добиено никаква официјална информација или доказ за скандалот на Онкологија од ниту една надлежна институција. Оттаму додаваат дека доколку добијат докази за кршење на етичкиот кодекс може да отворат постапка, но во спротивно ќе се чека исходот на судската постапка. Комората не може да изрече дисциплински мерки за отстранување од работното место.

„Лекарската комора може трајно или привремено да одземе лиценца ако има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија, како и ако со правосилна судска одлука се утврди дека докторот сторил кривично дело поврзано со вршењето на здравствената дејност. Привремено одземање на лиценцата може да настане и доколку настанала повреда на Кодексот на медицинската етика и деонтологија и тоа е утврдено во соодветна постапка од Судот на честа. Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот“, објаснуваат од Лекарска комора на РСМ.

По пет месеци предистрага која ја водат двајца обвинители и во која беа ангажирани експерти онколози за да го следат патот на терапијата од набавка до давање на пациентот, вчера официјално отвори истрага во која покрај Васев осомничен е и економскиот директор Нехат Нухи и тројка доктори на Клиниката за онкологија. Од Обвинителството не ја исклучуваат можноста за проширување на истрагата и на други лица.

Од обвинителството вчера соопштија дека првичните проценки се дека со криминалот со набавка на цитостатска и биолошка терапија, Буџетот е оштетен меѓу 25 и 30 милиони евра. Затоа ќе се чека и финиш на судскиот процес за потоа да може да се вклучи и Државното правобранителство кое потоа ќе постапува со операторите кои ја продавале терапијата без распишан тендер и на фактура, а кои и во моментов имаат склучени договори со Клиниката за набавка на цитостатици и биолошка терапија.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Владата не знае да се справи со пожарите, ги остави граѓаните сами со огнените стихии

Дејан Дејан

Постојат сериозни индиции дека пожарот кај Блаце е подметнат, тврди Ангелов

Дејан Дејан

Недоволен буџет за здравствена заштита и застој во изградбата на нови болници, регистрираат ревизорите во извештајот за 2023

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе