Новата техничка влада дала зелено светло за законите предложени од претходната. Собранието побарало потврда дали техничкиот премиер и министрите остануваат на претходно предложените законски решенија или некои се повлекуваат.
Владата го извести Собранието на Република Северна Македонија дека ги потврдува и останува на текстовите на предложените материјали/предлог на закони кои се во собраниска постапка, доставени од претходниот состав на Владата на Република Северна Македонија, соопштија од кабинетот на претседателот на собранието.
Според пресметките на Телма околу 220 закони се во собраниска процедура. Потребата од владино известување пратениците ја гледаат во членот 178 од деловникот на Собранието.
Со истекот на мандатот на составот на Собранието завршуваат сите законодавни постапки и постапки за донесување на други акти започнати во мандатниот период. По исклучок продолжува законодавната постапка започната на предлог на 10.000 избирачи, на Владата доколку во рок од 30 дена од нејзиниот избор Владата извести дека тоа е потребно, како и постапките започнати на предлог на пратениците од претходниот состав, а пратениците го презеле во рок од 30 дена од конституирањето на Собранието, се вели во Член 178 од Деловникот на Собранието.
По изгласувањето на техничката влада меѓу првите законски решенија што беа разгледувани во законодавниот дом беа четирите закони предложени од Министерството за информатичко општество каде немаше промена во министерската фотеља. Се чекаше писмениот допис од владата дали останува или ги повлекува овие закони пред да продолжи со работа Комисијата за европски прашања.
Елена Ивановска Мукоска