Косовскиот премиер два месеца пречекува гости од Македонија, а не крие ниту дека ги крои предизборните потези на овдешните партии. Пред некое време го посетија функционери на СДСМ, како и претседателот Пендаровски, а од опозицискиот Сојуз за промени неколкупати се консултираат со него.
Но, вчера им се придружи и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Сепак, освен кусите изјави дека разговараат за изборите во Македонија, детали не се откриваат. Таравари не сакаше да ни даде одговори за посетата, дали со ова направи чекор да им се придружи на тројката опозициски лидери за заеднички настап на изборите, ниту за актуелната политичка ситуација, кусо велејќи дека за овие прашања ќе зборува пред изборите.
На новинарско прашање, дали е консултиран за посетата, неговиот сопартиец и претседател на партиското Собрание, Зијадин Села, вели дека не е, но ниту тој не сакаше да коментира ништо повеќе. Никакви детали не откри ниту министерот од оваа партија, Азир Алиу.
Од Европскиот сојуз за промени велат дека сè уште траат интензивните разговори со Таравари за коалицирање. Тие неодамна соопштија дека косовското Самоопределување ќе биде четвртиот столб на опозицискиот сојуз, преку нивни членови, македонски државјани.
Курти, пак, пред десетина дена, на собир на лидерите од Западен Балкан во Скопје изјави дека не се меша во внатрешните работи на Македонија и дека неговата партија не е регистрирана овде. Но, и покрај тоа, првиот интегративец, кој случајно или не, вчера и самиот беше во Приштина. Во телевизиско интервју го повика косовскиот премиер отворено да каже дали ќе учествува на изборите во Македонија. Коментираше и дека е рано да се зборува за претседател на државата Албанец, откако од кабинетот на Курти соопштија дека Таравари, Касами, Меџити и Гаши поднеле предлог за претседател и побарале мислење од косовскиот премиер.
Далиборка Демјанска Цветановска