Вести Македонија Топ вести

Полицајците реагираат – велат незаконски е да се бара од нив да ги доставуваат личните документи до дома

Три дена откако МВР започна со достава на готовите лични документи на домашна адреса – реагираат од редовите на Полицијата. Незаконски се наредбите до полициските службеници да ги носат личните карти до дома, велат од Синдикатот на Полицијата.

Од Министерството за внатрешни, пак, тврдат дека голем дел од граѓаните веќе ги замениле документите. Оние кои не се брзаат да променат пасош – да не притискаат во моментов, порачуваат од МВР.

На 26 јануари, на веб-страницата на МВР беше објавено соопштението дека започнува доставата на готовите лични документи на територија на Скопје, со цел да се олесни и забрза процесот на промена на јавните исправи.

„Нема да има никакви казни за граѓаните и апсолутно никој да не се плаши за тоа. Доколку нема потреба од патување сега, не мора да се форсира вадењето на пасош. Досега имаме над 1.200.000 променети патни исправи со новото уставно име. Имаме и над 1.100.000 променети лични карти, како и над 500.000 возачки дозволи. Така што, голем дел од граѓаните веќе ги имаат променето документите, но се разбира дека и оние коишто не ги промениле досега имаат можност тоа да го направат“ вели Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Орце Коцевски од Синдикатот на полицијата во Македонија прашува – според кој Закон полициските службеници се должни да ги доставуваат личните карти до домовите на граѓаните како да се поштари?!

Ова е спротивно на членот 13 од Законот за личната карта, оценува Коцевски и го повика новиот министер, да го преиспита случајот.

„Точна е таа информација дека во СВР Скопје, во полициското одделение – Шуто Оризари и во полициската станица – Чаир, многу раководители незаконски издавале писмени наредби и на сила ги терале полициските службеници да постапуваат, односно да ги носат личните карти до домовите на граѓаните. Сакам да потсетам и да укажам дека ова е спротивно на Законот за лична карта поточно член 13. Во тој член детално и убаво е напишан начинот на којшто граѓаните треба да си ја подигнат личната карта“ смета Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на Полицијата во Македонија.

Обврската за промена на личните документи произлезе од Преспанскиот договор. Рокот е пет години од влегувањето во сила на уставните измени.

Истиот истекува за две недели, на 12 февруари.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тошковски за пожарите: Се разгледуваат сите опции и сценарио кое би можело да има друга позадина

Дејан Дејан

Локално население, грчки канадери, пожарникари и војници од АРМ го гаснеа пожарот во селото Николиќ

Дејан Дејан

Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе