Пиратеријата на телевизиските програми во Македонија не може да се сопре, а Законот за аудиовизуелни медиумски услуги со кој треба да се доуреди сферата и да се ефектуираат казните за пиратерија која е кривично дело е закочен во Комисијата за европски прашања раководена од пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми.
Имено, иако Телевизија Телма има екслузивни права за емитување на серијата „Црвениот Поет“ – која сѐ уште оди на програмата на Телма, на Јутјуб-канал се појавија сите епизоди од серијата.
Ова не е првпат програма која се емитува на Телма да се стави на нелегален начин од страна на пиратски сајтови и канали, со што се прави кривично дело.
Истото е содржано во Кривичниот законик, во членот 157.
„Тој што во свое име или во име на друг неовластено ќе објави, прикаже, репродуцира, дистрибуира, изведе, емитува или на друг начин неовластено ќе посегне по туѓо авторско право или сродно право, односно авторско дело, изведба или предмет на сродно право, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години“ се вели во членот 157 од Кривичниот законик.
И покрај тоа што Владата го донесе Законот за аудиовизуелни медиумски услуги кој има и европско знаменце и треба да ја спречи енормната пиратерија на канали од регионот и други странски канали, со што се прави директна штета и на корисниците, но и на телевизиите, овој закон веќе четири месеци чека Арбр Адеми да закаже комисиска расправа во Собранието.
Ваквите и слични случаи се регулирани и со собранискиот Деловник.
„Седница на работното тело свикува претседателот на работното тело. Претседателот свикува седница и ако тоа го побара претседателот на Собранието или најмалку една третина од членовите на телото, кои треба да достават материјал за прашањето што предлагаат да се стави на дневен ред на седницата. Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ја свикува претседателот на Собранието“ пишува во членот 120 од Деловникот на Собранието.
Истото се случуваше и со Законите за администрација и дигитализација кои со месеци чекаа Адеми да ја закаже комисиската расправа што резултираше со најава за оставка на ресорниот министер, Азир Алиу, по што се најдоа на дневен ред на комисијата, но не и Законот за аудиовизуелни услуги.
Алиу на прес-конференција кажа дека станува пракса законите да поминуваат на Влада, а потоа да заглавуваат во Собрание и дека не може да има систем ако истиот зависи од индивидуи и нивните желби.
Алиу денеска се соочил со пратениците од Комисијата за европски прашања, но не добил одговор кој и зошто ги кочел овие реформски закони.
Пратениците не му дале одговор и зошто на дневен ред на Комисијата за европски прашања не е ставен Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој помина прво читање во Собранието.
Петар Догов