Секојдневно гледајќи купишта смет, жител на Тетово решил за тоа да се пожали во СВР Тетово. Во полициските записи стои пријавата од 15-ти месецов од страна на анонимен граѓанин за фомирани мини депонии во повеќе населби.
Полициски службеници излегле на посочените локации и по консултации со надлежниот инспекторат, зависно од резултатите од проверките ќе бидат преземени соодветни законски мерки согласно Законот за заштита на животната средина, велат од полицијата.
На состојбата деновиве укажуваа и од советничката група на ДУИ.
„Депонии кои се создадени во секоја населба претставуваат сериозна закана за животот на граѓаните. Отпадот кој почна да смрди е знак дека во овие депонии кои се создадени во секое маало на Тетово има бактерии и микроорганизми кои се многу опасни по здравјето на граѓаните, а особено на нашите деца“, вели Лиридон Диша, советничка група на ДУИ во Совет на Општина Тетово.
Од комуналното претпријатие објаснија дека таквата состојба произлегла од дефект на камионите за собирање отпад и дека малите депонии се исчистени. Но, сепак и денес можеше да се забележи преполни контејнери и смет околу нив во периферните населби.
Општината најави дека со договорот за јавно-приватно партнерство со словенечка фирма ќе се реши долгогодишниот проблем со собирањето на сметот. Договорот беше потпишан во ноември, а по два споменати датуми за почеток со работа, сега од локалната самоуправа најавуваат нов, 1 февруари, затоа што, како што велат, просецот се одвива во етапи.
Откако беа формирани две нови претпријатија, за отпад и за водовод и канализација, обврската за одржување и чистење на јавните површини, за одржување на парковите и зеленилото останува на ЈКП Тетово.
Данијела Билбилоска