Министерството за надворешни работи (МНР) не гледа можност како може да се продолжи важењето на пасошите и по 12 февруари. Датум, кој како обврска, произлегува од Преспанскиот договор.
И додека претседателот и премиерот јавно си префрлаа кој треба да се јави кај грчките колеги за да се продолжи рокот за промена на пасошите, од Министерството за надворешни со порака да не им се дава лажна надеж на граѓаните дека може да се одложи рокот.
Не е можно да се сменат одредбите на Договорот од Преспа, па затоа државните институции треба да се организираат и да го забрзаат издавањето пасоши без да прецизира како би се направило тоа.
„Договорот од Преспа е меѓународен договор. Наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор и ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, да се забрза издавањето пасоши, да почнат налепниците да се лепат на регистарските таблички. Ова е обврска што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните“, соопштија од МНР.
На 12 февруари истекува и рокот за замена на налепници со НМК за регистарските таблички, а од станиците за технички преглед за Телма велат дека не издаваат налепници бидејќи немаат. По критиките од јавноста за дополнителен трошок, МВР го смисли решението наместо нови таблици да се залепат налепници врз постоечките таблички .
Од 5 јули во 2021 година до синоќа, издадени се над милион и педесет илјади лични карти, нешто над милион и двесте илјади пасоши како и 546.741 возачка дозвола. Со тоа во државниот буџет се слеале нешто над пет милиони евра, пари од граѓаните.
Од МВР вчера информираа дека личните карти со називот на државата „Република Македонија“ кои имаат важност, односно чиј рок не е истечен, продолжуваат да важат и по 12 февруари. Ќе можат да се користат на шалтери, во банки, а со нив ќе може да се гласа и на избори.
Казни, како што велат од МВР, нема да има.
Во меѓувреме, граѓаните секојдневно со часови на минусни температури чекаат да ги променат документите со новото име на државата.
Симона Петровска