Вести Македонија Топ вести

Османи негира улога во вработувањето на сестра му, но и пред 15 години бил министер

Немам никаква улога во вработувањето на мојата сестра во М-Нав. Таа работи таму веќе 15 години, а јас сум министер за надворешни работи само три, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Сепак, Османи и пред 15 години бил министер. Во владата на Никола Груевски од 2008 до 2011 година, тој ја извршува функцијата министер за здравство.

„Работи од пред 15 години. За критериумите ќе прашате во М-Нав, јас немам никаква улога во тоа, тоа е 12 години пред јас да станам министер за надворешни работи. Оваа тема се користи на секои избори во изминатите 15 години и јас веќе 15 години го давам истото образложение, ама очигледно изборите го прават тоа, така што ќе играме по тие ноти“, изјави министерот Османи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција со неговиот албански колега Игли Хасани.

Темата за непотизам во контролата на летање ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, кој го обвини претседателот на синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски.

Истражувањето на Код покажа дека во М-Нав се вработени сестрата на министерот Османи, снаата на вицепремиерот Артан Груби, внук на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, снаи и синот на поранешниот пратеник од ДУИ Ејуп Аљими, внук на советникот на директорот на М-Нав Беким Незири, како и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.

Извори од М-Нав велат дека дел од осомничените за упадот во контролата на летање се роднини на Незири.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со список на други функционери кои имаат вработени роднини во контролата на летање.

„Јавноста памети дека од 2018, континуирано алармираме за партиски вработувања во М-НАВ, за:

– син на директор на социјалните фондови;

– внук на директор на телекомуникациски оператор;

– Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри;

– Антонио Кочовски, зет на тогаш првиот човек на СДС од Охрид, Лазе Танески;

– роднина на екс-министерот Горан Сугарески;

– за претседател на УО на М-НАВ беше поставен Николче Тасески, зет на екс-министерката Рената Дескоска.

Потоа, таму е вработен и синот на Стевчо Јакимовски, како и братучетка на екс-министерката Јагода Шахпаска од СДС“, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Ковачевски рече дека вработувањето роднини на функционери во државните институции е карактеристика на општествата во транзиција, но оти доаѓа време кога професионализмот ќе биде најважен.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Таткото Спасески се жали дека мајката го попречува да го види неговиот син

Дејан Дејан

Тројца кандидати го минаа филтерот за Европскиот суд за човекови права

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе