„Имавме многу продуктивен состанок“. Со овие зборови, амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир, ја опиша средбата со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
За средбата известија од кабинетот на Дамева, преку писмено соопштение и фотографии. Амбасадорот Гир и претседателката на Судски се согласиле за важноста на независноста во работењето на Советот, за да се обезбеди владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните.
Ова доаѓа две недели откако Весна Дамева повторно се врати на челната позиција на Судскиот совет, по пресудата на Управниот суд. Управен ја поништи одлуката за нејзиното разрешување од 4-мај минатата година, по тужбата поднесена од страна на Дамева.
Денес евроамбасадорот Дејвид Гир потенцира дека во фокусот на средбата биле препораките од Оценската мисија на ЕУ за функционирањето на Советот.
Испрати порака и до членовите на Советот.
„Мислам дека сите можевте да воочите дека јас не се сретнав со нејзиниот претходник затоа што ние тогаш ја искажавме нашата загриженост во врска со начинот на којшто беше разрешена Дамева, но и во врска со изборот на тогашниот претседател на Судскиот совет. Мислам дека беше многу продуктивен состанокот со претседателката на Судскиот совет и јас искрено се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и сите ќе се обидат да ги реализираат и да ги спроведат препораките од страна на Оценската мисија на Европската унија. Всушност, зборуваме за компетенции коишто ги имаат членовите на Судскиот совет“ изјави Дејвид Гир, амбасадор на Европската унија во Скопје.
Весна Дамева го информирала амбасадорот на ЕУ во Скопје дека веќе наредната недела ќе се одржи работилница. На истата ќе се разгледуваат и донесат заклучоци за секоја од препораките на Оценската мисија за работата на Судскиот совет.
Амбасадорот Гир се осврнал на тоа дека барем половина, или 17 од 40-те препораки содржани во Извештајот на Оценската мисија на ЕК, можат веднаш да се спроведат брзо. Краткорочни се, не бараат уставни и законски измени и зависат од самиот Судски совет.
За останатите препораки, потребни се подлабоки измени преку Владата и Собранието.
Минатата година, тројца судии испратени од ЕУ го анализираа работењето на Судскиот совет. Нотираа 40 препораки кои треба да се спроведат за телото да работи професионално и стручно.
Контроверзи, прекинати проекти од амбасади, превирања во Судскиот совет
Судскиот совет во изминатиот период го следеа бројни контроверзи, а пристигнаа и бројни критики од меѓународниот фактор.
Амбасадорот на Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, во месец мај го оцени Советот како нелегитимно тело. Тогаш соопшти дека Холандија става во мирување проект поврзан со овој самостоен орган на судството.
И тој се сретна со претседателката на Судски. Амбасадорот Коп е задоволен што Судскиот совет повторно е правен субјект. Најави дека Холандија сега силно ќе размисли за рестартирање на проектот со Советот, кој беше суспендиран минатата година.
Амбасадорот на Холандија минатата недела се сретна и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тогаш најсилно беа потенцирани политичките притисоци врз судството и целиот систем, по случувањата со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Петар Догов