Вести Македонија Најважни

Малверзациите на нафтени компании под лупа на УЈП – партиите со меѓусебни обвинувања за прикривање криминал и мешање во истрагата

Управата за јавни приходи ги има доказите и влезена е во траг на нафтените компании кои се обиделе да го изиграат системот и да затајуваат данок.

Од УЈП најавуваат детали за утре, а од опозицијата се обидоа да бидат побрзи од истрагата на даночните инспектори и веќе излегоа со обвинувања дека даночниот орган прикрива криминал. Од власта реагираат – ова е обид за мешање во истрагата.

На почетокот на декември, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во телевизиско гостување откри дека УЈП постапува, се анализира и се прави попис на фактурите кои биле дел од деловните односи, како и анализа на физичките лица кои стојат зад спорните бензински пумпи.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во компаниите често се менувале одговорни лица и сопственици, а во поголем број од случаите, станува збор за лица коишто се од соседни земји и тешко се лоцираат.

„Буџетот е оштетен, а државата тешко дека без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испумпани пари, немаат имот за од истиот да се наплати долгот. Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите од минатата година, процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службената положба“ вели Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ.

Од УЈП ги демантираат наводите изнесени на прес-конференцијата. Од партиската говорница се искажани невистини за работата и постапката која што ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем, реагираат од Управата.

„Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста, нанесува штета на работењето на УЈП. Институциите како и досега за сите случаи постапуваат согласно своите надлежности, и тоа го прават во интерес на граѓаните. Апелираме јавноста да не потпаѓа на овие манипулации и да ги следи официјалните информации кои доаѓаат директно од институциите“ се наведува во соопштението на Управата за јавни приходи.

Од власта реагираат на изнесените тврдења од страна на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ се меша во истрагата, велат од СДСМ.

Тврдат дека одговорност ќе има за сите вмешани во криминалот.

„Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации. Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета. Сите инволвирани во овој случај ќе сносат одговорност согласно законите“ се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Тоа што засега е непознато е дали станува збор за големи компании, кои се обиделе да сокријат данок во сметководствената евиденција.

Имињата на компаниите засега остануваат непознати затоа што станува збор за даночна тајна, регулирана во Законот за даночна постапка.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе