Вести Македонија Најважни

Неизвесно одржувањето на Вевчанскиот карневал поради трагична смрт на млад Вевчанец

Неизвесно е како денеска и утре ќе се одржува Вевчанскиот карневал. Причина е трагичната смрт на 19- годишен Вевчанец, син на поранешниот пратеник, Крсто Мукоски, кој загина рано утрово во сообраќајна несреќа, во близина на струшкото село Подгорци. Според градоначалникот на Вевчани, дефилето под маски ќе се одржи редуцирано, но вечерашниот концерт е откажан, а рестораните работат без музика. Во Вевчани дојде министерката за култура, која требаше да го отвори карневалот. Но, како ќе се одржи тој во новонастанатите услови, ќе зависи од жителите, кажа министерката.

Требаше да биде ден за радост и хумор на улиците на Вевчани , но трагичен настан ги спречи домаќините и гостите да и се препуштат на традиционалната забава. Рано утрово во тешка сообраќајна несреќа почина синот на поранешниот пратеник од Вевчани, Крсто Мукоски. Несреќата ја потврдија од МВР.

– На 13.01.2024 година, околу 01 .20 часот, во СВР Охрид, е пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на струшкото село Подгорци, патничко моторно возило „Ауди“, со вевчански регистарски ознаки, управувано од М.М. (19) од Вевчани, излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од полициската станица од Струга.

Прераната смрт на младиот Милан Мукоски ги испразни вевчанските улици. Маскирани лица скоро и да нема , вечерашниот концерт е откажан, кафеаните и рестораните работат без музика, а дефилето под маски ќе се одржи во редуцирана форма , кажа градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

  • Имавме средба со василичарските друштва од Горна и Долна Маала. Традицијата ќе продолжи, онака како што ќе продолжи. Никој не знае. Дефилето ќе се одржи во некоја минимална состојба, така да речам. Кој ќе учествува, не можеме да влијаеме. Не можеме да кажеме кој се маскира или не се маскира. Меѓутоа, пак ќе назначам дека вака никогаш не било. – вели Спасе Кочовски, градоначалник на Вевчани

Изрази на сочувство до семејството Мукоски, за загубата на нивниот син, пристигнуваат од повеќе адреси, а меѓу нив и од министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска. Таа дојде претпладнево во Вевчани и кажа дека за начинот на одржување на карневалот, во новонастанатите околности, ќе одлучат жителите.

  • Јас, за жал знам како изгледа таа болка. Јас денеска дојдов тука сепак, заедно со градоначалникот да видиме што ќе се случува. Знам дека целата ситуација е неизвесна. И навистина ми е многу жал. Она што ќе одлучат граѓаните на Вевчани денеска да се случува, тоа и ќе се случува. Наредна година традицијата ќе продолжи понатаму. – вели Бисера Костадиновска – Стојчевска, министерка за култура

Вевечанскиот карневал е стар 14 века. Познат е по хумористичните и сатирични маски со кои се исмеваат општествените аномалии во земјава и светот. За неговото годинешно издание, Министерството за култура издвои 1, 8 милиони денари.

Сотир Трајков

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Пожарникарите наишле на запалени палети и мирис на бензин – Ангелов за пожарот во Чучер Сандево

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе