Над 2.000 работници од реалниот сектор доставиле жалби до „Гласен Текстилец“ за нецелосна или неисплата на регресот за годишен одмор за лани. Според податоците од нив на 500-тини работници и воопшто не им исплатено К-15, а 1.420 на сметките добиле од 500 до 5.000 денари.
Според Кристина Ампева, манипулациите со исплатата на регресот за годишен одмор се со години, бидејќи на работодавачите ова им го дозволува Колективниот договор за реалниот сектор.
Таму кадешто има помал износ од 3.000 до 1.000 денари, како што имавме и изминатите години, за жал не може многу да се направи поради тоа што, пак ќе кажам Сојузот на синдикати како репрезентативна страна, потписничка на тој колективен договор, сѐ уште има оставено отворена врата за злоупотреба дека фирмата работела со загуби и поради истото ќе им исплата помала од таа што е назначена за таа година. За жал таа помала исплата не е утврдена, вели Ампева од Здружението„Гласен текстилец“.
Најмногу реагираат вработени од текстилниот и градежниот сектор, но и од приватните агенции за обезбедување. Ампева апелира УЈП да направи контрола во оние компании каде што воопшто не е исплатен регресот за годишен одмор.
Еве да провериме за ланските фирми, кадешто имало наводно спогодба за финансиски потешкотии, да побараме од УЈП да се врати една година наназад за да ги види тие загуби. Во март дополнително ќе испратиме и за овие. Некаде работодавачите мислат дека од Бога им е дадено да не исплаќаат К-15, претежно тоа е во Југоисточниот регион, но и во агенциите за обезбедување, додава Ампева.
Симптоматична е исплатата на К-15 во првите денови од јануари, работниците бараат одговори дали ова е исплата за лани или за 2024 година. За нив дополнително треба да се утврди за која година е исплатата на регресот за годишен одмор.
Лани за првпат на сметките им легнаа по 10.000 денари К-15 на наставниците, здравствените работници и на другите вработени во јавниот сектор.
Викторија Димитрова Јованова