Вести Македонија Топ вести

Скопје на дното во Европа по квалитет на живот

Скопје е на дното на листата по речиси сите параметри за квалитет на живот во последното мерење на Европската комисија спроведено во 83 града од 27 земји членки на ЕУ и осум земји надвор од неа. За 2023 година Скопје се најде на 76 место со 72 проценти задоволни граѓани од животот во него. Зад главниот град на Македонија е Рим со 71 процент, Белград со 69, Тирана, Инстанбул и Атина со 66 и со 65 проценти, а како последен е италијанскиот Палермо со 62 проценти. Најзадоволни од животот во него се жителите на Цирих. Само 13 проценти од жителите на Скопје сметаат дека условите за живот во градот, од 2019 кога е правено претходното мерење, се подобриле.

Но освен што е при дното на листата по генералното задоволство на граѓаните кои живеат во него, Скопје е во последните 10 града по речиси сите параметри по кои се мери квалитетот на живот. Па така најлош од сите е за живот за имигранти од други држави, а само малку помалку лош е за живот за припадници на ЛГБТИ заедницата. На днотот е и за квалитет наживот за постарите луѓе, но и за семејства со мали деца. Само 38 проценти од скопјани пак имаат доверба во своите сограѓани. Но за разлика од големата недоверба во сограѓаните, дури 60 проценти од сметаат дека Скопје е безбеден град за движење ноќе сам.

Една од неколкуте позитивни листи на кои се најде Скопје во истражувањето е можноста лесно да се најде домување за разумна цена, па така тој е трет по Алборг – Данска и Оулу – Финска, со 65 проценти од граѓаните кои се изјасниле позитивно по овој параметар. Но веднаш на следниот параметар, задоволство од финансиската состојба во домаќинството граѓаните на главниот град на земјава се на 81 место, со само 51 процент задоволни, веднаш зад грчките градови Хераклион и Атина. Скопје е последен од 83 града по чуството на неговите граѓани дека би добиле финансиска помош доколку тоа им е потребно. Во Скопје и 60 проценти од неговите граѓани се незадоволни од сопствената работа, што го рангира на 79 од 83 места.

По параметрите за можноста за движење низ градот, Скопје е трето место по користење на автомобили во обичен ден, веднат зад Брага – Португалија и Рејкјавик – Исланд, со 64 проценти граѓани кои позитивно одговориле на тоа. Само 28 проценти од граѓаните на Скопје користат јавен превоз во обичен ден, малку над 10 проценти возат велосипед, а смо 20 проценти пешачат во обичен ден. Од јавниот транспорт незадоволни се 47 проценти од жителите на Скопје.

Скопје е на 80 од 83 место во Европа, со само 36 проценти задоволни граѓани од зелените површини во градот. Последен во Европа е Палермо со 31 процент. Од јавниот простор во Скопје задоволни се пак 53 проценти од неговите граѓани, но тоа не е доволно да го тргне од списокот на последните 10 градови во Европа.

Скопје пак е на последно, 83 место на европски градови, со само 27 проценти задоволни граѓани од здравствените услуги во градот. Скопје е последен и по квалитетот на воздухот. Само 12 проценти од неговите граѓани се задоволни од тоа каков воздух дишат, што соодветствува со измерената просечната годишна концентрација на 2,5 ПМ честички, највисоко во Европа, во 2020 година. Скопје не заостанува ни по бучавоста, и е на 78 место, а само 23 проценти од неговите граѓани се задоволни од неговата чистота, што го рангира на 80 место во Европа.

Секој трет од 10 жители на Скопје е незадоволен од тоа колку време и е потребно на градската администрација да одговори на негово барање, а дури 84 проценти сметаат дека постои корупција во локалната јавна администрација.

Инаку истражувањето на Европската комисија покажало дека луѓето кои живеат во градови помали од 250.000 жители, генерално се позадоволни од квалитетот на живот кој го имаат. Истражувањето покажало дека позадоволни се жителите на градовите во ЕУ, ЕФТА и Обединетото Кралство, додека помалку се задоволни во градовите во Западен Балкан и Турција. Од земјите на ЕУ позадоволни се жителите на градовите во северните и западните членки.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе