Вести Македонија

Општина Карпош остана без пари, Буџетот е блокиран со илјадници амандмани

Вработени во градинки, училишта, општински служби и целокупната администрација во Карпош, годината ја започнуваат со неизвесност.

Советот на општината не го изгласа Буџетот за 2024 година пред крајниот рок.

Тоа ги извади на протест дел од вработените во службите кои плата земаат општинската каса. Празниците ќе ги поминат во страв дека дел од нив освен без плата, ќе останат и без работа.

Нема пари ниту за струја и вода за градинките и училиштата.

„Редовното функционирање на Општина Карпош подразбира и одржување на хигиената на јавните површини, доведено во прашање е и одржувањето на уличното осветлување, тековното одржување на сервисните општински улици и инфраструктура, односно водовод, атмосферската и фекална канализација, одржување на урбаната опрема и детските игралишта, одржувањето на коловозот во зимски услови, односно чистење на снегот на само неколку дена пред најавата за обилни врнежи“ изјави Дејан Јонузовски, вработен во Општина Карпош.

Градоначалникот посочува виновници за блокадата.

Јакимовски смета дека ВМРО-ДПМНЕ се виновни бидејќи со илјадници амандмани на Предлог-буџетот намерно ја блокираат Општина Карпош.

А, претседателот на Советот кој доаѓа од редовите на Левица, според Јакимовски помогнал со тоа што не ги отфрлил амандманите.

„Ова е најдолг месец во годината и најтежок бидејќи е најладно, најголеми трошоци има за огрев, децата се на распуст. Да не го правиме ова, да не им ја честитаме Нова година на граѓаните на Карпош на ваков најнесоодветен начин. Тие вака рекоа: „нас овој ризик нѝ е пресметан“. И од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица рекоа дека овој ризик нив им бил пресметан“ тврди градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Од претставниците на Советот пристигнуваат различни пораки. Претседателот Ристов е оптимист дека до средината на месецот можеби ќе се изнајде некакво решение.

Од советничката група на СДСМ на иста линија со градоначалникот Јакимовски, ги обвинуваат опонентите за намерно нанесување на штета на карпошани.

„По налог на општинските штабови и на политичките партии се случува ова. Меѓутоа и ние како луѓе коишто сме во политиката некогаш треба да имаме разбирање и да ги оттргнеме тие влијанија“ вели Владимир Бислимовски, советник во Општина Карпош од СДСМ.

 

„Амандманите се класичен филибастеринг, имитација некоја или поточно кажано изживување врз Деловникот и некои деловнички дупки коишто постојат од 2006 година па наваму. Брзо решение би било да се повлечат амандманите. Долгото решение е Советот да се свика и да одржува седница додека не се исцрпи сѐ и да се изгласа Буџетот за да може да продолжи општината да функционира. Јас сакам да мислам дека до 15-ти може да постигнеме да се испегла сѐ“ смета Бранко Ристов, претседател на Советот на Општина Карпош.

Реагираа советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои се посочени како главни виновници за блокадата.

Сметаат дека поголема штета ќе се нанесе со донесување на Буџетот, со кој се отвора пат за спроведување на Детални урбанистички планови по терк на градоначалникот.

„Запазени се сите законски рокови. Манипулациите дека амандманите се поднесени надвор од рокот и дека се задоцнети, се апсолутно неточни. И изјавата на господинот градоначалник не е коректна до крај. Ние предложивме да се донесе одлука да се свика итна седница согласно Деловник доколку е возможно тоа во вонредни случаи. И да се донесе одлука за времено финансирање“ вели Роберт Вељановски, советник во Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ.

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека утре ќе поднесат официјално барање до Општина Карпош, за свикување на итна седница.

Бараат одлука за времено финансирање на Општина Карпош. Инаку, седницата за гласање на Буџетот не е затворена, туку е прекината.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

На 95-годишна возраст почина писателот Цане Андреевски

Дејан Дејан

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе