Министерот за здравство, Фатмир Меџити ќе ja формира стручната Комисија за случајот со починатата 26-годишна родилка од Делчево, која на 26 декември лани почина на КАРИЛ, а беше донесена во лоша здравствена состојба од штипската Клиничка болница. Формирањето на комисијата доаѓа по препорака на инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторот (ДСЗИ). Од кабинетот на Министерот велат дека комисијата треба да го разгледа начинот на лекување и дали се направени пропусти, а извештајот се очекува за десеттина дена.
Новороденчето на починатата на родилката е на Детската клиника во Скопје и не е веќе на механичка вентилација.
„Новореденото сè уште е на Одделот на интензивна нега и терапија, но подобрено и веќе не е на механичка вентилација. Терапијата и интензивното следење продолжува, на Одделот за интензивна нега. Очекуваме во следните денови да биде префрлено и на одделот за неонатологија“, вели Валентина Цвејоска Чолаковска директор на Детска клиника Скопје.
Инспекторите на ДСЗИ од увидот во медицинската документација констатираа дека на пациентката во 39-та недела од бременоста, матичниот лекар на 22 декември и креирал упат за следење на нормална бременост до породување. Четири дена подоцна се јавила на преглед во приемната акушерска амбулантна во КБ-Штип и било утврдено намалување на плодовата течност.
При сместувањето колабирала, по што веднаш и извршен итен царски рез. По породувањето продолжена е интервенција во стомакот, при што е констатирано дека обилното крварање потекнува од крвен сад во близина на слезината. Запаѓа во шокова состојба, па повторно хируршки е интервенирано со отстранување на слезената. Конзилумот одлучува родилката да се хоспитализира на КАРИЛ во Скопје, каде и почина.
Викторија Јованова