Неколку фирми се интересирале за влез на македонскиот железнички пазар, но засега ниедна официјално не ја почнала процедурата.
Од вчера стапи на сила либерализацијата на железничкиот товарен сообраќај, па ќе може да влезат и други фирми кои ќе ѝ конкурираат на државната компанија Македонски железници – транспорт.
Првично се либерализира само железничкиот товарен сообраќај, а не и патничкиот.
Досега, стоките што се превезуваа од Солунското пристаниште до на пример Будимпешта, една фирма ги возеше до македонско-грчката граница, потоа ги презема локомотива на МЖ Транспорт до Табановце, а потоа трета фирма ги вози низ Србија. Сега, ако се регистрираат во Македонија, ќе може сами да го превезат, што ќе го зголеми бројот на возови, велат во МЖ Инфраструктура.
„Се очекува влез на оператори претежно од соседните држави, Грција, Србија, па и од Хрватска и Романија. Се очекува претежно транзитен сообраќај, затоа што сме мала држава по територија и тука очекуваме малку поголеми приходи. Со овие измени, превозниците ќе имаат можност од почетна до крајна станица да го превезат возот со своја локомотива и со свои вагони и нема да зависат од тоа дали МЖ Транспорт има или нема локомотива. Тоа е многу битно затоа што на тој начин може да се зголеми пропусната моќ на самата пруга“, вели помошник директорот за сообраќај во МЖ – Инфраструктура Никола Марков.
Сепак, конкуренцијата нема да започне барем во наредните неколку месеци, зашто на странските фирми ќе им биде потребно време додека да ги извадат сите потребни дозволи и сертификати, да отворат фирма во Македонија и да достават банкарска гаранција.
Македонски железници – инфраструктура, фирмата која управува со пругите, годинава очекува да заработи 425 милиони денари, односно скоро 7 милиони евра. Најголем оператор и понатаму ќе остане Македонски железници – транспорт, но според бизнис планот за 2024 година, МЖ Инфраструктура планира да наплати 98 милиони денари или скоро 1,6 милиони евра од други превозници во товарниот сообраќај.
Фирмите што вршат железнички транспорт им плаќаат на МЖ Инфраструктура за користење на пругите.
Срѓан Стојанчов