Новата година ќе донесе повисоки сметки за струја за најголемиот дел од домаќинствата. За некого сметката ќе се зголеми за 50, за некого 150 денари, ама ретко кое просечно домаќинство ќе куртули од поскапувањата.
За некого сметката ќе се покачи за 5 отсто, за некого 15 отсто. За куќите и становите во кои никој не живее, сметките ќе се зголемат за повеќе од двојно.
Домаќинствата кои се греат и готват на дрва, и плаќаат сметки за струја од околу 1000 денари, ќе добијат поскапување од околу 150 денари, што е зголемување за 15 отсто.
Новите цени на струјата ги нема ниту на сајтот на ЕВН, ниту на Регулаторната комисија за енергетика, но се објавени во Службен весник од 27 декември.
Цената на струјата во првиот блок се намалува, во вториот блок останува иста, а во третиот и четвртиот поскапуваат, но се воведува нова ставка – пристап до мрежа од 200 денари.
Околу 80 отсто од потрошувачите се во првите два блока.
Со новите цени, тие може да заштедат најмногу до 89 денари, но со пристапот до мрежа од 200 денари, поскапувањето ќе им биде 111 денари.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика смета дека со воведувањето на евтината струја од 13 до 15 часот преку ден, тоа може да се компензира.
Во зависност од потрошувачката, распределбата на блоковите, со самиот факт што имаме евтина тарифа од 13 до 15 часот, дополнително голем број на домаќинства ќе ја префрлат потрошувачката во евтината тарифа, така што тука некаде ќе бидат сметките, некаде ќе бидат пониски, некаде исти. Единствено ќе бидат повисоки кај оние коишто имаат потрошувачка нула или имаат потрошувачка од 10,15 20 киловатчаса во текот на годината, бидејќи тие ќе треба да ги платат тие 200 денари. Инаку, горе-долу ќе биде исто, можеби помалку поради воведувањето на евтината струја преку ден, вели Бислимовски.
Според Регулаторната, просечно домаќинство троши во просек 244 киловатчаса скапа струја месечно. Вообичаено, слична е потрошувачката и на евтина струја. Досега, тие плаќаа сметка од 3350 денари. Со новите цени, ќе плаќаат 123 денари повеќе. Под услов да успеат 20 киловачаса од скапа да ги префрлат во евтина струја преку ден, сметката ќе им биде 3400 денари, односно 50 денари повисока од досега. Што помала потрошувачка, поголемо поскапување.
Срѓан Стојанчов