Вести Економија Македонија Топ вести

Платите на работниците џогираат, тие на функционерите трчаат спринт

Годината почна со голема инфлација и енормно поскапување на храната, заврши со повисоки сметки за струја за оние кои малку трошат.

Додека на светските берзи храната поевтинува скоро две години по ред и сега е на нивото од 2021 година, во Македонија цените отидоа во неврат.

Тоа ја принуди владата да крене рачна. Во неколку наврати ги замрзнуваше цените на основните прехранбени производи. Трговците негодуваа дека одлуката е спротивна на пазарната логика, ама си легнаа на брашното. Истото тоа од кое продаваа леб по 50 денари.

„Согласно нашиот стандард, леб од 50 денари мислам дека премногу.“

„Ќе се откажеш од едно за да купи друго. Што викаат ребаланс на буџет“, велеа граѓаните.

По замрзувањето, инфлацијата почна да се намалува, па во ноември се спушти на прифатливи 3 отсто.

Вредноста на просечната плата се намалуваше лани и на почетокот на годинава, но во април се прекрши. Почна да расте побрзо од поскапувањата. Во октомври годинава ја достигна вредноста од април минатата година. Скоро 39 илјади денари сега, вредат колку 31 илјада лани.

„Платите влијаат врз трошоците, трошоците влијаат врз цените, цените влијаат врз стандардот и обратно. Тоа е тој маѓепсан циклус, што е економски ризик кога има инфлација, тоа да не стане инфлациона спирала. Ние во исто време менаџираме тоа да се стабилизира, веќе од април се гледа дека платите не растат само номинално, туку и реално, зашто инфлацијата се намалува, а номиналните плати растат, што значи и реално платите растат“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими на 25 октомври.

И додека платите на обичниот работник благо џогираа, тие на функционерите трчаа спринт. Стероидите дојдоа од Уставниот суд. Функционерите добија зголемување на платите од 78 проценти.

„Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет“, реагираше претседателот Стево Пендаровски на 30 март.

Но, на другите функционери, зголемувањето им беше превкусно. И покрај најавите, не си ги намалија платите. Синдикатите протестираа. Бараа и тие да добијат толкаво покачување.

Не добија. Една латинска изрека вели: Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот.

Крајот на годината заврши со веста за повисоки сметки за струја. Цените на струјата се намалуваат, ама сметките ќе пораснат поради новата давачка пристап до мрежа од 200 денари. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика толку убаво ја соопшти веста што сите помислија дека поскапувањето нема да се однесува на нив. Ако трошат малку, ќе се однесува.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца кандидати го минаа филтерот за Европскиот суд за човекови права

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Уништени култури, земјоделците проценуваат штети – град со големина на орев „удри“ во Струмичко

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе