20 дена пред започнувањето на изборната кампања стартува забраната за јавни настани по повод почеток на изградба или пуштање во употреба на патишта, водоводи, спортски игралишта, училишта, градинки и други објекти градени со средства од буџет или од јавни фондови. Ова е само еден став од новата изборна регулатива, препорачана од ОБСЕ ОДИХР.
Се засилуваат и другите ограничувања што важат за предизборниот период, како што е забрана за објавување огласи за вработување, забрана за искористување на службените активности за изборно претставување или употреба на службените профили на социјалните мрежи за промоција или дискредитирање на учесниците во изборите.
Посебен интерес предизвикува ослободувањето на Буџетот од плаќањето партиски изборни реклами во медиумите и порталите. Во 2018-та, партиите се договорија да си поделат сума од 2 евра по запишан избирач, или, речиси 4 милиони евра, според формулата: 45 одсто за првите две владеачки партии, исто толку за првите две опозициски партии, 7 одсто за парламентарните партии и 3 одсто за останатите.
Поранешниот министер и претседателски кандидат Имер Селмани смета дека тоа е фаворизирање на „големите“ партии врз основа на резултати од претходни избори.
-Не е сеедно дали вие ќе имате медиумска поддршка од државата или самите ќе ја ставите раката во џеб за да обезбедите пари, донации и спонзорства…Ако остане ваков законот, без тие измени, големите партии пак ќе го имаат приматот во стартната позиција, пак ќе си ги поделат минутите за презентирање и парите од изборните резултати, изјави Имер Селмани во вчерашната Топ Тема.
Измените на Изборниот законик ги подготви работна група во која освен експерти има и партиски претствници. Направени се според препораките на ОБСЕ ОДИХР како ревидирање на сегашната изборна регулатива. Веќе доцнат со оглед на сугестиите да нема промени на изборните правила најмалку 6 месеци пред избори.
Министерството за правда ги испрати до Владата. Доколку таа ги прифати, одат во Собрание на финално усвојување.
Соња Николовска