Вчера на лидерската средба партиите ги потврдија очекувањата дека најпогоден термин за избори е 8 мај, со прв круг претседателски на 24 април. Предизборните подготовки почнуваат со недефиниран состав на ДИК: дали празното столче ќе го задржи Алијанса или ќе го преземе Европскиот сојуз за промени? Освен оваа задача, во наредниве недели партиите ќе треба да исполнат уште една: да го изменат Изборниот законик според препораките на ОБСЕ ОДИХР.
Договор за изборните термини и за Изборниот законик има, за другото нема. Ваквиот епилог на лидерската средба не го дочека здружената опозиција на Албанците бидејќи го напушти состанокот речиси на самиот почеток. Причината е што спикерот Талат Џафери не покажал разбирање дека седмиот член на ДИК треба да биде од нивните редови. Тоа го сметаат за вовед во фалсификување на изборите.
ДИК не е комплетна откако Кренар Лога стана министер. Алијанса за Албанците смета дека треба да го задржи местото согласно изборните резултати.
Алијанса допрва треба да одбере: дали на претстојните избори ќе му се придружи на Европскиот сојуз за промени или на Европскиот фронт, или – ќе оди самостојно, што за нив го прави членството во ДИК уште позначајно.
СДСМ прво се концентрира на претседателските избори. Извршниот одбор одлучи да почне постапка за избор на претседателски кандидат. Ги повикува сите „проевропски и прогресивни сили“.
Извесно е дека ДУИ е дел од Фронтот, како и досегашните коалициски партнери, а најверојатно ќе им се придружат новоформираните партии на Аријанид Хоџа и на Скендер Реџепи. Додека се одмеруваат капацитетите и за заеднички парламентарен настап, неизвесно е како ќе се позиционира партијата на Таравари.
Соња Николовска