Полните контејнери и депониите околу нив останаа на тетовските улици и тротоари. Вработените во комунална хигиена денеска добија една од трите задоцнети плати и ветија дека ќе го соберат сметот, но реализацијата на ветеното е слаба. Насекаде може да се забележи купишта смет. Исчистени се само мал дел од контејнерите. Граѓаните се незадоволни од сработеното и сметаат дека се дават во сметот.
„Моментално 50% е чист и не е чист. Горе кај школото ѓубре има цел шлепер“, вели еден жител.
„Воопшто не е дигнато ѓубрето и катастрофа е. Ѓубре има колку сакаш, насекаде., вели негов сограѓанин.
„Изгледа малку е почисто, но како што треба да биде не верувам дека е. Тешко е, тешко оди. Може понатака ќе биде почисто, ама дали да веруваш во тоа не знам“, вели уште еден тетовчанец.
„И сега се таложи. Дојди да видиш онаму колку има фрлено. Не го собираат. Воопшто не го собираат, а особено за викенди“, додава уште еден тетовчанец.
„Нема почисто, исто е. Многу ретко се чисти, би требало тоа да се реши мислам“, заклучува еден тетовчанец.
Работниците од комунална хигиена штрајкуваа поради неисплатени плати и придонеси. Денеска земаа една плата, а ветено им е од општината дека до 15-ти ќе ги добијат и другите две плати. Комуналците предупредуваат дека доколку не ги добијат заостанатите плати ќе стапат во генерален штрајк за две недели. Станува збор за повеќе од 120 вработени во ЈКП Тетово и ова не е првпат тие да протестираат. Од општина Тетово сметаат дека формирањето на две нови комунални претпријатија и соработката со словенечката фирма со која потпишаа договор преку јавно-приватно партнерство е начинот на кој ќе се реши трајно проблемот.
Тамара Марковска