Темата „прислушување“ се врати на собраниската говорница. ВМРО ДПМНЕ постави пратеничко прашање: дали МВР дало дозвола или извршило контрола за скандалозна набавка на опрема со која може да се следи целиот интернет сообраќај во државата? Од МВР тврдат дека се следи само по судска наредба и дека наводите на опозицијата се чиста шпекулација.
Вистина или шпекулација – со знаење на МВР е набавена опрема со потенцијал да ги следи сите интернет комуникации од било кој оператор и од било кој уред. Пратеникот Игор Јанушев постави пратеничко прашање до министерот Оливер Спасовски: дали дал одобрение и дали извршил контрола за ваква ултра скандалозна набавка? Спасовски открива дека се работи за набавка на ОТА а не на МВР. Информациите се класифицирани но уверува дека не постојат можности за прислушување без судска наредба.
Според Јанушев, ова прашање станало возможно откако било отворено на Комисијата за избори и именувања, при интервјуирањето на еден од кандидатите за член на Антикорупциската комисија.
Спасовски тврди дека Јанушев веќе ги имал одговорите по поставувањето прашања од надзорните собраниски тела во претходните месеци.
Соња Николовска