Вака изгледаат улиците во главниот град денеска. Тие се празни, не може да се забелажат вообичаените гужви кои ги има за време на работните денови. Скопје е невообичаено празно додека тече Министерскиот совет на ОБСЕ, најголемиот политички настан во Македонија.
- „Затворен за сообраќај ќе биде булеварот „Илинден“ од потегот кај Влада до трговскиот центар „Сити мол“ и булеварот „8 Септември“ од Партизанска до кружниот тек кај Момин поток, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Дел од булеварите се затворени, но и на оние кои се проодни нема гужви.
Одржувањето на настанот ги смени и редовните траси на автобусите, кои денеска возат по саботен возен ред, а билетарниците не работат.
ЈСП: Линиите 8 и 15А- од мостот „Гоце Делчев“ продолжуваат по булевар „Партизански одреди“. Линиите 7, 15, 19, 26, 29 и 59-ќе возат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов и веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“. Линии 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовнитраси до крајните стојалишта.
Овој сообраќаен режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Со одлука на Влада неработен ден е прогласен за државната и јавната администрација, како и училиштата на подрачјето на Скопје. Но таа одлука не важи за градинките, болниците, итната помош и противпожарната бригада кои работат и денеска.
За успешна организација на настанот, МВР претходно одржа генерална проба за настанот, со што воведоа посебен режим на сообраќај уште во вторникот.
Тамара Марковска