Од спортската сала во „Борис Трајковски“, нема ни траг. Освен по некое столче од трибините кои можат да се видат во споредните простории, внатрешноста на објектот целосно е преуреден за пречекот на делегациите на 57 земји-членки на ОБСЕ и 19 земји-партнери, со 1.000 претставници. Се местат последните кабли, се поврзуваат мониторите, се проверува озвучувањето. Влезовите се под контрола на МВР, а внатрешноста се чисти.
Во главната сала пак се местат знамињата на членките на Организацијата чија иднина можеби ќе се решава токму на маса во Скопје. Доколку до понеделник во Виена, на амбасадорско ниво, не се се прифати иден претседавач да биде Малта, како нов предлог кој треба да го делбокира ОБСЕ, разрешница ќе се бара на министерскиот состанок кој ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември во Македонија.
„Обично праксата покажува дека е многу поефикасно доколку прашања се решаваат на ниво на постојани претставници, отколку да се стават на маса на министрите. Така што јас сум оптомист за дел од прашањата за понеделник, важни прашања за опстојување на организацијата. Не можам да кажам дали ќе успееме по сите прашања да постигнеме консензус“, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Увертирата во одлуките за постигнувањето на консензус ќе започне вечерта на 29 ноември со неформалната вечера во хотелот „Александар Палас“, на која е потврдено дека ќе присуствува американскиот државен секретар, Ентони Блинкен. За рускиот шеф на дипломатијата, Серегј Лавров, се уште се чека потврда дали ќе се придружи на вечерата. Телма неофицијално дознава дека Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ ќе има билатерални средби и со Блинкен и со Лавров, но се уште не се знае дали ќе има билатерална средба меѓу американскиот и рускиот шеф на дипломатија.
„Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската Федерација не можам да кажам во овој момент. Се разбира не треба да очекуваме дека во сите три дена сите ќе останат три дена. Сепак тоа се важни луѓе кои што ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат. Дали ќе се поклопуваат термините на нивниот престој тоа не можам да го кажам се уште“, вели Османи.
Во Скопје ќе допатува и делегација од Украина, но се уште е неизвесно дали неа ќе ја предводи шефот на украинската дипломатија, Дмитри Кулеба, кој за тоа дали ќе дојде во Македонија или не, како што дознава Телма, ќе одлучи денеска.
Освен за иднината на ОБСЕ во Скопје претставници на 76 држави ќе разговараат и за актуелните конфликти во светот, а една од темите за кои ќе се организира и одделен настан во рамки на Министерскиот совет, е одговорноста за злосторствата во Украина и ослободување на заробениците.
И додека се поставува натстрешницата на влезот во „Борис Трајковски“ која треба да ги заштити гостите од дождот кој е најавено дека ќе го има и в среда, течат и безбедносните мерки за целиот настан да помине во најдобар ред, без инциденти. Се проверуваат околните објекти, се преземаат антитерористички проверки.
„Целосно сме подготвени сите служби. И Секторот за внатрешни работи – Скопје, Одделот за заштита на определени личности и објекти, единицата за службени кучиња, воздухопловната единица. Значи сите учествуваме во рамките на својот дел, како и другите институции“, изјави министерот за надворшени работи Оливер Спасовки.
Како што дознава Телма, поради движењето на делегациите, најчесто затворени за сообраќај во текот на деновите од министерскиот состанок ќе бидат улицата „Илинденска“ , на потегот од Владата до Сити Мол, како и булеварот „8 Септември“ на потегот од „Хубо“ маркет до булеварот „Партизански одреди“. Од МВР брифираат дека, во зависност од потребите, ќе се затвараат и други улици и апелираат на трпение кај граѓаните и да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Инаку што се однесува до возниот парк со кој ќе се превезуваат делегациите, освен возилата на Службата општи за заеднички работи на Владата, по повикот од МНР за отстапување на своите возила за потребите на министерскиот состанок, се одѕвал само градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и двајца почесни конзули во земјава. Османи информира дека најверојатно ќе се искористат половина од околу 170 возилата изнајмени за Состанокот, на тендер тежок 960.000 евра.
Тамара Грнчароска