Вести Македонија

Фатмир Бесими – можен кандидат за технички премиер

Фатмир Бесими е можен кандидат за технички премиер. Со богата биографија како министер во неколку ресори и во неколку влади и со долгогодишна партиска лојалност – несомнено има поддршка од Али Ахмети, но сепак е само еден во низата потенцијални предизборни премиери. Откако Артан Груби и Бујар Османи демантираа дека еден од нив ќе го замени Ковачевски, се шпекулира со имињата на генералниот секретар Фатон Ахмети, професорката Беса Арифи и други.

Додека врвот на ДУИ е во потрага по кандидат прифатлив за сите во владеачката коалиција, ВМРО ДПМНЕ бара да се укине Техничката влада. Уште повеќе, ако предлагач на премиерот треба да биде ДУИ, партијата што ја смета за криминално дувло.

-ДУИ  со месеци е во епицентарот на сите криминални скандали кои ја тресат Македонија. Партија во која не остана неискомпромитиран и некриминализиран кадар не може да го даде техничкиот премиер на државата. Дополнително, мора да се нотира и дека техничките влади се крајно неефикасни и нефункционални. Во два наврати во минатото, во 2016 и 2020-та видовме дека граѓаните имаат повеќе штета. Време е Македонија да има функционални влади, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ. Миле Лефков.

Вчера премиерот Ковачевски потврди дека Техничка влада ќе има, како што е предвидено со Законот за Влада. Но, СДСМ не го отфрли веднаш новиот предлог на ВМРО ДПМНЕ – дава шанса партиите да се договорат во работната група или на меѓупартиската средба во Собранието во декември.

-Формирани се работни групи кои во наредниот период интензивно ќе разговараат за сите процеси потребни за нормално одвивање на изборниот процес. Премиерот Ковачевски вчера најави дека многу скоро во Собранието ќе има средба со сите претставници односно лидери на политичките партии. Мислам дека сите овие детали ќе се договорат во следниот период, рече пратеничката на СДСМ Лидија Петковска.

Доколку парламентарните избори се одржат во мај веднаш по Велигденските празници, Техничката Влада треба да се бира кон крајот на јануари. По последните избори во 2020-та, на кои ДУИ ветуваше премиер-Албанец, Ахмети доби збор дека тоа ќе се исполни во 100-те дена пред наредните избори. Во кругови блиски до СДСМ се говори и за варијантата Албанец од нивната партија, на пример министерот Фатмир Битиќи, но ДУИ инсистира тоа да биде нивен предлог. Всушност, ќе биде заеднички предлог на Европскиот фронт, чии стожери се токму овие две партии. Дали ќе им се придружи и Алијанса, ќе одлучуваат партиските органи во наредните недели.

Соња Николовска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Не сум видовит, но пожари ќе има и во годините што доаѓаат, апел до граѓаните да ги исчистат сопствените дворови

Дејан Дејан

Ангелов: Ниту една куќа не е изгорена во пожарот во Чучер Сандево, градоначалникот да научи да прави разлика што е куќа, а што викендичка

Дејан Дејан

Ангелов: Пожарот во Чучер Сандево е целосно ставен под контрола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе