Израелскиот кабинет го одобри договорот за прекин на огнот со милитантната група Хамас што ќе донесе привремено запирање на разорната војна која беснее повеќе од шест недели.
Според договорот, Хамас треба да ослободи 50 од околу 240 заложници што ги држи во Појасот Газа во период од четири дена, соопшти израелската влада.
Претставниците на израелската влада рекоа дека ќе го продолжи затишјето за дополнителен ден за секои 10 ослободени заложници.
Пред гласањето во Кабинетот рано утринава, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ќе ја продолжи офанзивата против Хамас по истекот на примирјето.
Се уште не е јасно кога примирјето ќе стапи на сила.
Владата соопшти дека првите заложници што ќе бидат ослободени ќе бидат жени и деца.
Меѓувреме израелската војска ја опколи областа Џабалија и ги интензивираше борбите во Зејтун. Портпаролот на израелските сили Даниел Хагари соопшти дека војската има преднос во секоја битка.
Иако е донесена одлука за прекин на огнот истакна дека израелската армија ќе се справи со секоја ситуација и ќе ја одржат оперативната способност.