Мила Тодоровска
Веќе втора недела трае спасувачката операција за извлелување на околу 30-те градежни работници, кои беа затрупани откако колабираше тунелот во северниот дел на Индија. Сите работници се живи и на безбеден дел, а обезбеден им е кислород и вода преку цевка, па дури и суви оброци.
“Во овој момент работиме многу како би биле сигурни дека она што го правиме е безбедно и дека луѓето кои ја прават евакуацијата се безбедни. Туку што бев долу во тунелот. Тука е направен потфат за подготовка во работата. Ќе одиме и на врвот на планината за да ги разгледаме и другите опции. Пристигнав вчера, но работата која ја видов меѓу вчера и денес е извонредна.“- Професор Арнолд Дикс, Претседател на Меѓународната асоцијација за тунели и подземен простор
Спасувачкиот тим сподели и видео на кое јасно се гледа дека сите лица се во добра состојба. Преку истата цевка од каде им се испраќа храна, кислород и вода им спуштија и камера.
Планот да се буши хоризонтално и да се постави цевка низ која лицата би можеле ползејќи да излезат беше оневозможен откако машината со која требаше да биде отворен пристап беше оштетена. Вибрациите кои ги предизвика направија да дојде до дополнително колабирање на земјиштето.
Повеќе од 150 спасувачи користат опрема за дупчење и багери за да ги расчистат остатоците. Се прави пат до врвот на ридот од каде ќе се буши вертикално. Се смета дека целиот процес ќе потрае неколку дена. Ризикот овој пат е земен предвид и ќе се користи технологија која е дизајнирана за нестабилна земја. Сепак, спасувачите потенцираа дека за овој начин на копање ќе биде потребно двојно повеќе време.
“Ќе се погрижиме да биде сѐ безбедно, ќе се погрижиме да излезат живи, ќе се погрижиме спасувачите да се безбедни. Што се однесува на тоа колку време е потребно, сите овде се согласуваме дека сакаме луѓето да се безбедни, а спасувачите сигурни и тоа е онолку колку е потребно.“- Професор Арнолд Дикс, Претседател на Меѓународната асоцијација за тунели и подземен простор
Властите соопштија дека спасувачките екипи неуморно работат на излвекување на заробените работници, иако операцијата веќе трае подолго од очекуваното.
Тунелот се наоѓа во областа Утараханд, планинска регион со бројни хинду храмови кои привлекуваат многу верници и туристи. Заробените работници биле дел од градежен проект кој треба да поврзе неколку места за аџилак. Урнатиот дел од тунелот долг 4,5 километри е на околу 200 метри од влезот.