Македонија е безбедна земја, нема закана за нас и стабилноста, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој е во дводневна посета во Скопје.
- Ние и земјите членки на НАТО се бориме против руското влијание , но сите субјекти и политички чинители имаат обврска да придонесуваат за мирот и стабилноста. Секако дека постои руско влијание во регионот и секогаш се способни да пронајдат свои истомисленици во политички партии или поединци, но тие не се на приближно ниво со она што ние го поседуваме и нашите безбедносни служби, за да претставуваат некоја закана за нашата земја, истакна премиерот Ковачевски.
И генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг не гледа воена закана од Русија против која било земја членка на НАТО, но рече дека внимателно се следат чекорите на Москва.
- Внимаваме што се случува и сме подготвени да се засилиме, и се што е потребно за да го одбраниме секој сојузник од воена закана. Продолжуваме да ја повторуваме пораката кон Русија да се воздржат од агресивните дејства против соседите и да ја престанат воената агресија кон Украина. Една од причините поради која Путин влезе во војна е да ја спречи Украина да влезе во НАТО, сакаше НАТО да гарантира дека нема да се шири, но тој добива токму спротивното, повеќе НАТО во источниот дел од Алијансата, а добива и нови членки Финска и Шведска, додава Столтенберг.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.