Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја почна својата балканска турнеја со негова прва посета на Босна и Херцеговина. По престојот во Сараево, тој ќе отпатува и во Србија, Косово, а за утре е најавен и во Македонија.
Во Скопје се најавени средби со претседателот Стево Пендаровски и со собранискиот спикер Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во парламентот.
Вториот ден од посетата на земјава шефот на НАТО ќе го започне со билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе учествува на неформалниот состанок на лидери на НАТО-сојузници од регионот, чиј домаќин е Македонија.
Во средината на јули, лидерите на земјите од НАТО им порачаа на земјите од Западен Балкан дека регионот е од стратешко значење за Алијансата и ја потврдија својата посветеност на безбедноста и стабилноста.
На тој начин тие ги поддржаа реформите кои ги зајакнуваат аспирациите на земјите од регионот кон НАТО и Европската Унија, како што е наведено и во завршниот документ на 11 јули, на крајот од првиот ден од самитот што се одржа во главниот град на Литванија, Вилнус.
Мандатот на Столтенберг, како генерален секретар на НАТО, беше продолжен до октомври 2024 година, а на функцијата е од 2014 година.