За 40 дена истекува мандатот на државниот обвинител Љубомир Јовевски, а постапката за избор на нов обвинител се уште не е почната. Од друга страна, министерот Кренар Лога отвори нов фронт против обвинителството. Министерството за правда го објавија мислењето за извештајот за работата на обвинителството минатата година и упатија сериозни критики за податоците во извештајот, но од обвинителството го критикуваат потегот на министерот и тврдат дека тој за туѓи гревови ги обвинува нив.
Мислењето е испратено до влада, а во него Лога на 4 двојазични страници навел дека обвинителството не ставило податоци за рокот на траење на истрагите кои со закон се ограничени на максимум помеѓу 6 и 12 месеци.
Обвинителството негира и преку соопштение го упатува министерот дека оценките за долготрајноста на истражните постапки ги прочитал во стар извештај на Стејт департментот, наместо да го види најновиот со кој се тврди дека роковите не се задолжителни туку инструктивни и дека обвинителството нема доволно ресурси. Лога му пререкува на Јовевски и за неснимањето на распитите во обвинителството.
-Во извештајот не постојат податоци за користењето на опремата за визуелно-тонско снимање на истражните дејствија т.е. снимање и испитување на сведоците и обвинетите иако Законот за кривична постапка ја уредува оваа можност со цел заштита на човековите права и обезбедување поголем степен на правна сигурност, стои во мислењето на Министерството за правда за извештајот за работата на ЈОРМ за 2022-ра година.
Но, и за ова, според кабинетот на обвинителот, гревот не е во тркалезната зграда туку кај оној што не им дава пари.
-Ваква опрема е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но нејзиното користење е ограничено, бидејќи за тоа нема ниту кадровски ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари. Од тие причини, тонско и аудио визуелно снимање се користи исклучително во специфични случаи или случаи каде жртви или сведоци се деца, со цел да се избегне двојна виктимизација и исказот да се користи во судска постапка, реагираат од Обвинителството.
Обвинителството му порача на министерот „својата загриженост за ефикасноста на постапките, да ја демонстрира со соодветни квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки.“
Министерот пак одговори со пофалби за соработката со обвинителството, со оценка дека мислењето кое е јавно објавено има за цел да се подобри работата на обвинителството особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Миомир Серафиновиќ