Во ДУИ има расположение, претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно. Министерот за надворешни работи вели дека партијата се` уште нема формална одлука оти телата не се состанале, но членството размислува за терминот за избори.
Кога и да се договорат парламентарните избори, Османи нема дилема дека техничкиот премиер ќе биде Албанец, кој ќе го предложи ДУИ. Ако парламентарните избори се одржат во вториот круг од претседателските избори напролет, премиер Албанец ќе има уште во јануари.
Но, во ДУИ и сега се фалат дека имаат премиер Албанец. На синоќешната промоција на секретаријатите, претседателот на огранокот во Чаир, Беким Незири, Артан Груби го најави како „премиер“.Груби, пак, самиот рече дека, „нема место, кафеана или чајџилница, каде што не се зборува дека имаме премиер Албанец, дека всушност Албанците владеат„.
Ахмети најави и европски фронт за изборите и ги повика Алијанса за Албанците да настапат со заеднички листи. Но, Таравари денеска одби. Рече дека последната одлука на партиското раководство е, на претстојните избори да настапат самостојно. Сепак оваа одлука треба да помине и на централното собрание што ќе се одржи до крајот на оваа година.И за него е прифатливо, претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно.
За опозицискиот лидер, ова размислување е логично.
Мицкоски го охрабрува и раководството нa СДСМ да почне да размислува во сличен правец и конечно да биде договорен датум за избори. Премиерот изјави дека набрзо и тие ќе излезат со свој став, но дека датумот ќе биде договорен на заедничка средба со сите лидери на партии.
Синоќешната реторика на ДУИ, за премиерот е резултат на тоа што влегуваме во предизборие, што значи дека во следните неколку месеци граѓаните ќе се изнаслушаат за тоа кој е главен.
Далиборка Демјанска