Со уплатата на придонеси и исплатата на нето плати доцнат 5.428 работодавачи во државата, покажува анализата на Управата за јавни приходи (УЈП) која се однесува на периодот јануари – септември оваа година.
„Повеќе од еден месец доцнеле 1.912 од нив, а 700 доцнат со реализација од самиот почеток на годинава. Кај сите се преземени соодветни мерки за присилната наплата“, рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП на брифинг со новинарите.
Според неа, обврска за МПИН пресметка за септември 2023 година, немаат исполнето 68.893 работодавачи за 552.193 вработени лица. Од нив, платена пресметка имаат 59.708 работодавачи за 535.058 вработени лица од кои 47.116 работодавачи платиле во законски рок до 16 октомври за 462.017 вработени лица, а останатите платиле со задоцнување.
До 7 ноември, пресметката не ја платиле 3.730 работодавачи за 8.673 работници, додека 5.455 работодавачи за 8.462 вработени лица воопшто не поднеле пресметка за октомври 2023.
Со реализација на обврски кон МПИН-пресметки на нето-платата за септември доцнат 3.945 работодавачи. Најголем дел доаѓаат од угостителската дејност (241 деловен субјект), товарен патен транспорт (218), адвокатски дејности (161), одржување и поправка на моторни возила (141), фризерски салони и салони за убавина (130).
Најголем број доцнења има кај 1.552 даночни обврзници од Скопско, а 754 се од Полошкиот регион.
Од доцнењето на платата во септември се засегнати 8.700 работници, од кои 6.141 вработен и околу 1.500 кои се даночни обврзници со еден вработен.
Работодавач на најголем број на работници зафатени од доцнењето, вкупно 378, е скопска компанија од дејноста чистење згради и објекти, потоа 148 работници се од скопска компанија за приватна заштита, 84 работници се кај работодавач од дејноста високо образование и 79 вработени во јавно претпријатие во Виница.