Вести Свет Топ вести

САД одобрија 14,5 милијарди долари за Израел, Украина и натаму чека

Четиринаесет и пол милијарди долари за Израел, но не и за Украина. Долниот Претставнички дом на американскиот Конгрес, со поддршка на опозициските Републиканци, одобри пакет воена помош за блискоисточната земја, како помош во војната против Хамас. Законот, кој беше донесен со 226 гласа „за“ и 196 „против“, веднаш беше протолкуван како предизвик за Демократите и претседателот Џо Бајден кој најави вето.

Изгласаните средства се прв значаен чекор во Конгресот за поддршка на Израелците во борбите со палестинската милитантна организација, но, сепак, е далеку помал од целокупното барање на Бајден од 106 милијарди долари за поддршка и на Украина во војната со Русија, за напорите на САД да се спротивстават на Кина и за зголемување на безбедноста на границата со Мексико.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен присттигна во трета посета на Израел од 7 октомври и нападот на Хамас, на што Израелците одговорија со офанзива на одмазда кон палестинската територија. Во фокусот на разговорите со неговите израелски домаќини ќе бидат мерки за намалување на цивилните жртви во Појасот Газа.

Обединетите нации упатија апел за итна помош од 1,2 милијарди долари за околу два милиона и 700.000 луѓе во Газа и на Западниот брег.

Во меѓувреме се огласи и иранскиот врховен водач, Ајатолахот Али Хамнеи кој порача дека израелската влада го лаже својот народ, кога изразува загриженост поради заложниците кои ги држи Хамас, додека истовремено гранатира подрачја во кои би можеле да бидат. Тој додаде дека Израел би бил замолчен за неколку дена, доколку ја нема американската поддршка.

Медиумите јавуваат дека и денеска продолжуваат силните воздушни напади на израелските сили, како поддршка на пешадиските единици на терен кои, според израелски официјални лица, ја опколуваат Газа. „Би-Би-Си“ објави дека борби се водат во пет различни области во енклавата, но и во западниот дел каде е направен најголем продор. Израелските сили објавија дека во последните воздушни напади е убиен и командант на баталјон на Хамас, а во текот на ноќта паднале проектили во близина на болницата Ел Кудс во која се засолнети околу 14.000 луѓе.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ продолжува – министерката бара неколку дена за решение

Дејан Дејан

Обвинение за три лица за палење на македонското знаме на денот на албанското

Дејан Дејан

Новите генерации многу малку знаат за нашето културно наследство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе