Продолжува правната игра со помилувањата на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов за функционерите кои беа опфатени со истраги на СЈО и на редовното обвинителството. Врховниот суд соопшти дека поднесувачот го повлекол поднесокот за овој суд да донесе начелен став за помилувањата на Иванов. Начелен став и начелно правно мислење се услови за да може за помилувањата да расправа и Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто ги отфрли првичните апликации на Мијалков, Јанкулоска, Никола Груевски и други функционери кои бараа Стразбур да ги признае помилувањата на Иванов за нив.
-Поради интерес на јавноста и медиумите, Врховниот суд на Република Северна Македонија известува дека на ден 27.10.2023 година, до Врховниот суд доставен е поднесок од адвокат Миле Наумовски, со кој во целост ја повлекува Иницијативата за утврдување на начелен став и начелно правно мислење, која се однесува на повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов, соопшти денеска Врховниот суд.